Десетици илјади луѓе се собраа денеска во Истанбул за да протестираат поради апсењето на градоначалникот на градот, Екрем Имамоглу, кој е главен политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Апсењето на Имамоглу ги предизвика најголемите демонстрации во Турција во последната деценија, јавуваат агенциите.
Стотици илјади одговорија на повиците на опозицијата и излегоа на улиците откако Имамоглу беше приведен на 19 март, а потоа уапсен под обвинение за корупција. Протестите беа главно мирни, но речиси 2.000 учесници беа приведени од властите.
Главната опозициска сила, Републиканската народна партија, како и другите опозициски партии, групи за човекови права и претставници од западните земји, сметаат дека апсењето на Имамоглу е политичко и има за цел да се отстрани потенцијалната изборна закана за Ердоган.
Владата негира дека влијаела врз судството и вели дека судот е независен.
Десетици илјади луѓе вееја турското знаме и кренаа транспаренти денеска во паркот Малтепе на азискиот брег на Истанбул на митинг под слоганот „Слобода за Имамоглу“, организиран од Републиканската народна партија.
Минатата недела, партијата одржа внатрепартиски избори за официјално да го поддржи Имамоглу како свој кандидат за претстојните претседателски избори. Тие треба да бидат произведени во 2028 година, но партијата бара предвремени избори, тврдејќи дека владата го изгубила легитимитетот.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја оваа недела соопшти дека речиси 1.900 лица се приведени од почетокот на протестите, а судовите завчера наредиле притвор на 260 од нив во очекување на судењето.
Ердоган, кој доминира со турската политика повеќе од 20 години, ги отфрли протестите, нарекувајќи ги „шоу“. Тој предупреди дека ќе има правни последици и ја повика Републиканската народна партија да престане да ги „провоцира“ Турците. (МИА)