Сите политичари во наредниот период да го помогнат процесот на преговори за обезбедување двотретинско мнозинство за Законот за јавно обвинителство кој е значаен за евроинтеграциските процеси на нашата држава, апелираше денеска министерката за правда Рената Дескоска.
Посочи дека не може да каже дека биле успешни вчерашните разговори со пратеничките групи во Собранието и како главен камен на сопнување околу амандманите на ВМРО-ДПМНЕ ги посочи тие што се однесуваат на статусот на СЈО и доказните средства коишто се прибрани во веќе започнатите постапки на СЈО.
– Заклучокот беше дека ВМРО-ДПМНЕ треба да направи консултации со цел да ги усогласи своите ставови со препораките на меѓународната заедница, бидејќи закон само за носење закон не е нешто што ќе ни овозможи отворање преговори со ЕУ, изјави Дескоска.
Во однос на изјавата на собранискиот спикер Талат Џафери, министерката Дескоска рече дека за жал, изјавата имала одредено влијание и во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека таа била искористена како аргумент за одложување на процесот на преговарање, со тоа што, како што рече, било истакнато дека ако претседателот на Собранието не закажува седница, нема потреба да се брза и со преговорите.
Прашана како го оценува правосудството, Дескоска одговори дека не може да се одвои од општиот впечаток на граѓаните за работата на судството и затоа, рече, влегле во сериозен процес на реформи, коишто треба да овозможат легислативна подлога за независно и непристрасно судство.
– Поминавме еден сериозен процес на законски измени од Законот за судови, денеска беше во собраниска процедура Законот за судски совет. Го донесовме Законот за управни спорови и Законот за прекршоци. Ни останува уште два најзначајни закона. Законот за Јавно обвинителство и Совет на јавни обвинители. Се што е во надлежност на Министерството за правда правиме да овозможиме соодветна правна основа за работа на судиите во насока на заштита на човековите права и примена на правото, изјави Дескоска.
Посочи дека, истовремено се работи и на обезбедување материјални услови за работа на судовите.
– Годинава, практично најголемиот дел од буџетот поврзан со судството, е префрлен на судскиот буџетски совет, што треба да располага со него, за разлика од други години кога капиталните инвестиции останувале во Министерството за правда, изјави Дескоска.