Идеална ситуација би била законот да се донесе. Но гледаме дека имаме отпор од страна на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ за донесување заеднички солидни решенија коишто ќе ги имплементираат европските стандарди. -истакна Рената Дескоска, член на ИО на СДСМ и министерка за правда, во интервју за емисијата Стадион на Канал 77, на прашањето дали може Законот за ЈО да не е донесен, а да очекуваме отворање на преговорите за влез во ЕУ.
Мојата опција е дека би било подобро да не донесеме закон отколку да донесеме лош закон – истакна Дескоска во случај ако имаме ситуација во којашто треба да имаме закон којшто ќе внесе поретроградни решенија од постојните, којшто нема да значи напредок на нашето законодавство кон европското.
Дескоска посочи дека овој процес на носење на ЗЈО се темели на Стратегијата [за реформи во правосудството] којашто е усвоена од Владата но и одобрена од Европската Комисија од Брисел, и од којашто произлегува обврска да обезбедиме посебен орган во рамките на Јавното обвинителство којшто ќе гони висока корупција и ќе овозможи продолжување на случаите на СЈО. Практично, СЈО да се трансформира во траен орган во нашиот систем – за жал таква согласност немавме.
Дескоска додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не сакало да се спомне С од СЈО во законот.
Бевме принудени да извадиме верзија којашто ќе се доближи до нивните барања со цел да направиме консензус. Кога ја направивме таа верзија којашто имплементираше добар дел од нивните барања сега тие одговорија со ретерирање-посочи Дескоска.
Таа посочи дека воочливо било тоа дека другата преговарачка страна, во случајот опозицијата нема волја за приближување и доаѓање до заедничко решение.
Тоа беше една игра во која ВМРО-ДПМНЕ ја правеше со цел да дојде 15 септември, во којашто очекуваа дека специјалната јавна обвинителка ќе го изгуби мандатот, СЈО ќе биде замрзнато и со него и случаите и дека тоа ќе трае една година.-рече Дескоска.
Клучното барање на ВМРО-ДПМНЕ беше дека треба да имаме одредба во којашто сите постапки коишто се почнати по 18 месеци ќе запрат, сите докази ќе бидат фрлени во вода, а постапките пред првите 18 месеци ќе бидат трансферирани. Ние мораме да го решиме клучното прашање, а тоа е прашањето за постапките коишто се водат. Остануваше дилемата за тоа во која фаза ќе бидат преземени и слично. Кога ќе го решевме тоа прашање, можевме да разговараме им реков, експерти од сегде, од ЕК, од Венецијанска комисија од каде и да е-дополни Дескоска.
Дескоска истакна дека првата верзија којашто била пуштена во Собрание била блиску до она што би изгледал закон којшто би се правел во комисија, експертски – без странични интереси. Имаше одредени отстапувања во првиот текст којшто произлегоа во рамките на коалициските разговори со ДУИ, којшто се однесуваа на одредени прашања за да се задоволат потребите и да се добие поддршка во рамките на Владата. Прашања коишто се однесуваа на употреба на докази од СЈО и други прашања коишто се отворија, различни прашања и интервенции. Но, сепак тоа беше еден закон којшто беше пристоен, немаше да наруши остварување на владеење на право, од експертите би добил зелено светло. Можеби не би добил петка, до би добил една четворка.
За жал, свесни сме дека во Собранието мнозинство за донесување на закон е двотретинско мнозинство. Има одредени црвени линии од коишто не сме спремни да отстапиме. Вистина мислам дека нема потреба да се носи закон којшто ќе биде ретроградно решение, дури ќе содржи и скриени одредби за амнестија, доколку веќе не е ургентна таа потреба.