Професорот на Правниот факултет Јустинијан Прима, Тони Десковски на својот профил на Фејсбук повторно ги реафирмира неговите тези за античката историја и 16-кракото Сонце од Кутлеш.
– Знамето со Сонцето од Вергина не е македонско национално знаме. Само три години беше државно, и тоа беше една од најголемите грешки. Тој симбол не го познавале ни Илинденците, а ни партизаните во НОБ. Тоа знаме е најголемото подметнување на Македонизмот. Треба сложно да го отфрлиме и да се ослободиме од овој Грчки симбол. Грците нека си ги величаат своите симболи, гласи ставот на профосор Десковски, објавен на истата социјална мрежа пред 3 години.
Тој во денешниот коментар под неговата објава на Фејсбук вели:
– Изгледа сум ја погодил метата. Ви препорачувам да го посетите Британскиот музеј и таму да го видите Каменот од Розета. Толку за објективните историски факти. Македонскиот национализам нема иднина, ако не се ослободи од обидот за поврзување со Античкото Македонско кралство. Треба да остане на темелите поставени од Мисирков, а реализирани на во НОБ и материјализирани со АСНОМ. Се друго е пат во провалија. Имајте убав ден, порачува Десковски.
Денеска Десковски, сопруг на Рената Десковска, бивша министерка за правда во Владата на бившиот премиер Зоран Заев, повторно ја бранува јавноста што може да се види од реакциите на неговата објава.
(Д. Г.)