Останувам со политичкиот ангажман во партијата во која целосно ќе се ангажирам таа да се подигне, изјави Јован Деспотовски еден од кандидатите за претседател на СДСМ. Иако тој претходно рече дека доколку не биде избран да ја води партијата, дека нема да прифати никаква партиска функција, па оттука е нејасно од која позиција ќе се ангажира за да се консолидира членството и да се подигне СДСМ. Дали Деспотовски ќе прави фракција во СДСМ?

„Не, не, ова значи продолжување на политичката активност. Фракција, поделби прават тие кои што им ги бркаат луѓето од партијата. Јас не ги избркав луѓето од партијата на 30-ти. Јас зборувам во име и на тие луѓе. Јас навистина немам никаква причина во моментот да го сменам ставот, за што поднесов изјава, дека доколку изгубам, односно доколку не бидам избран за претседател нема да се нафатам на функција. Ама јас навистина сакам да го видам крајот на овој изборен процес. Ако сметам дека крајот е тоа што се случи во неделата јас не се согласувам со тоа“, изјави Деспоотовски.

Тој и натаму останува на ставот дека изборите во СДСМ не беа кредибилни и покрај изјавата на претседателската на Централната изборна комисија Викторија Аврамовска Мадиќ дека не држат забелешките дека имало голем број членови на СДСМ кои не им било овозможено гласање.

„Таму имате луѓе кои што се по 20 по 30 години во таа политичка партија, со срце, не добиле ништо. И некој им кажал, некој им се јавил и им кажал не излегувајте на гласање. Значи имаме и такви ситуации. Треба да се одговори кој ги прави тие притисоци. Различни структури, зошто се правени тие притисоци или втората работа е зошто кога стигнале на гласачкото место некој им рекол не можете да гласате, без да им даде причина зошто. Значи излегуваме вечерта кажуваме завршена е постапката, готово, а рокот за приговори тече. Од каде знаете што ќе поднесам јас како приговор. Целата работа е многу комична, односно ја претставуваме многу комично а всушност е многу сериозна“, рече Деспотовски.

Деспотовски, кој поднесе оставка од функцијата директор на ТИРЗ, е задоволен од постигнатите резултати изминативе 3,5 години, од кога почна да раководи на индустриските зони. За 40% е згоелен бројот на вработени, а просечената плата надмина 43 илјади денари.

„Од 2020 до 2023 државата има собрано над 200 милиони евра приходи, од придонеси, персоналец и добивка од компаниите кои работат во зоните. Тоа значи на еден исплатен денар, 4 сме прибрале”, додава Деспотовски

За време на неговиот мандат потпишани се 31 договори, од кои половината се нови инвестиции. Во следните 2,3 месеци најавува старт со работа на 3 нови компании.

Инаку мандатот на Деспотовски истекуваше за 6 месеци, во декември.