Во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија гостуваше Јован Деспотовски, тој како член на СДС во однос на промените во партијата во Извршниот одбор вели дека критиките за состојбата не се нови и дека тој лично уште пред година и пол, кога се кандидирал на внатрепартиските претседателски избори, јавно укажувал дека работите не одат во добра насока.

Тој потсети дека бил еден од ретките кои се охрабриле да се кандидираат и отворено да зборуваат за проблемите во начинот на кој се води партијата. Според него, уште тогаш било укажувано дека одредени поставености не се добри и дека со направените избори се испраќа погрешна порака до членството и јавноста.

„Ќе почнам прво од себе, ќе потсетам дека пред година и пол имавме непосредни претседателски избори во партијата, јас бев еден од ретките кој се охрабри да излезе да се кандидира, отворено зборував дека некои работи уште тогаш не беа добри.Се случи тоа што се случи, од аспект на процесот што го имавме, не сакам да се нвраќам на тоа, имаше тогаш исто доста луѓе кои учествуваа во тој процес не како кандидати како поддршка за мене и за мојот тим кои што зборуваа отворено дека работите уште тогаш не беа добри и не беа добро поставени и дека можеби со одреден избор ќе пратиме можеби погрешна порака кон луѓето, од перспектива после 18 месеци поминати очигледно не сме биле многу далеку од вистината“, вели Деспотовски.

Деспотовски оцени дека денешните јавни критики од поранешни функционери и членови не треба да се гледаат како задоцнети реакции, туку како израз на разочараност и загриженост од насоката во која се движи партијата.

„Така да сега сме во ситуација во која што нормално сите останати кои што можеби пред 18 месеци не беа доволно храбри и не беа на чисто што ќе се случува да излезат во јавност и да зборуваат, сега зборуваат отворено, едноставно ги боли сето тоа што се случува“, рече Деспотовски.