На крајот на учебната година квалитетот на образовниот процес во земјава (основно, средно и високо образование) доби тројка од граѓаните во најновото истражување на јавното мислење на тема „Квалитет на образование“.
Според истражувањето спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа министерот за образование, Арбр Адеми, експертот за образование Горица Мицковска и Антоанета Иванова од асоцијацијата за едукација „Млади инфо“, перцепцијата на мнозинството граѓани е дека земјава не ги исполнува стандардите и препораките на ЕУ во однос на квалитетот на образованието (50,5 отсто), но тие се оптимисти. Доколку станеме членка, сметаат дека образовниот процес ќе се подобри (59,8 проценти).
Граѓаните сметаат дека денес имаме пониско ниво на квалитет на образование во однос на претходно, 48,9 отсто.
Според Мицковска, резултатите од испитувањето ги рефлектираат вистинските состојби во земјава.
– „Ние недоволно ги користевме информациите од различните домашни и меѓународни тестирања. Тие тестирања не е најважно да ни кажат каде сме споредбено со другите, туку кои се причините за состојбите во нашиот образовен процес. И затоа е потребно е да направиме длабоки анализи на тестирањата и на факторите на испитувањата кои влијаат на резултатите учениците, бидејќи земјите кои сериозно се грижат за образовнието длабоко ги анализираат тие фактори и врз основа на нив ги креираат образовните политики, вели Мицковска.
Според неа, социо-економски статус на родителите е еден од клучните фактори за успех на учениците, па така земјите со понизок економски статус се сместеи подолу на листата според квалитетот на образованието кое го пружаат.
Наставниот кадар е една од слабите страни на нашиот образовен систем (26,2 отсто), потоа се учебниците (19 проценти), додека испитаниците се поделени за образовните програми – дел сметаат дека се силна (19,9 отсто), а дел дека се слаба страна (20,3 проценти).
-Нееопходна ни е детална анализа на целиот систем за да ја имаме реалната слика во образованието. Веќе една година имаме вклучено домашни и странски партнери, меѓу кои ОБСЕ и УНИЦЕФ со кои работиме да го подигнеме квалитетот на образованието, вели министерот Адеми.
Најголем дел од анкетираните сметаат дека има корупција во образованието (62,7 отсто). Тој став го потврдуваат испитаниците кои се без деца во образовниот процес (70,9 отсто), испитаници кои се родители на деца во државно образование (54,7 проценти) и родители на деца во приватно образование (51,8 отсто).
За граѓаните при вработување во основно и средно образование најважен е професионалниот и педагошкиот капацитет на кадарот (45,4 отсто), партиската припадност (28,8 проценти) и роднинските и пријателски врски (16,4 отсто).
-Со реформите за основното кои беа најавени ќе овозможи подобрување на образовните политики во земјава и деполитизација и департизација на основното образование, смета Адеми. Тој најавува „повторно зголемување на платите на наставниците од пет отсто и овој септември, но првпат во ова зголемување ќе биде вклучено и високото образование. – Ќе објавиме закон за наставници и стручни соработници каде што е предвиден кариерен развој на образовниот кадар и скалила на унапредување од кои ќе зависи зголемувањето на платите, истакнува министерот, посочувајќи ги личните заложби за враќање на положбата и имиџот на наставникот.
Мнозинството испитаници вели дека државните универзитети нудат подобар квалитет на образование (68,1 отсто) и оваа предност е очекувана за Антоанета Иванова од „Млади инфо“ бидејќи „државните универзитети се наоѓаат повисоко на Шангајската листа на универзитети во споредба со домашните приватни универзитети. Тие поседуваат и кадар кој што во изминатиов период се градел и се усовршувал“, нагласува Иванова и додава дека „младите се повеќе бараат можности за студирање надвор од земјава, не заради образовните политики кои се спроведуваат тука, туку заради конкурентноста и компатибилноста на програмите на факултетите со барањата на пазарот на труд и глобалните случувања“.
Како што посочува Мицковска, она што ја прави разликата меѓу домашните и европските образовни политики е начинот на работа во училница. Иако многу параметри се слични, начинот на работа на наставниците многу се разликува. Се што се прави треба да е со фокус кон учениците, тие да стекнат компетенции кои ќе им требаат во реалниот живот и да стекнат способност цел живот да учат.
Истражувањето „Квалитет на образование“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) од 18 до 21 мај, на 1.108 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.