Седумнаесет пациенти со симптоми на грип се хоспитализирани на Универзитетската клиника за детски болести. Не се сите пациенти со компликации. Имаше две деца хоспитализирани со потешка форма на бронхопневмонија од компликации од грип. Понекогаш децата имаат болки во зглобовите, во мускулите, во коските, а едно дете е со докажан енцефалит, изјави денеска директорката на Клиниката, Наташа Најдановска Алулоска.

Посочи дека немаат пациенти со грип кои се на механичка вентилација.

Во врска со девојчето кое вчера почина на Клиниката од компликации од грип, таа рече дека тоа имало хронична болест, енцефалопатија и церебрална парализа.

– Почина со пневмонија како компликација од грип. Детето беше долги години пациент на Клиниката, а со грип беше лекувано два дена, додаде д-р Најдановска Алулоска, одговарајќи на новинарско прашање пред стручната презентација на тема „Леукемија болест што се лекува“, што се одржа на Медицинскиот факултет.