Уапсени девет полицајци меѓу нив командирот и заменик-командирот на граничниот премин Табановце. Ова е епилогот од синоќешната акција што полицијата ја спроведе во соработка со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Покрај граничниот премин, кабините за проверка и легитимирање на патниците и личните шкафчиња на полицајците, контроли имало и во нивните домови. Сите осомничени се приведени.
МВР не дава многу информации, а уште помалку Обвинителството. Не се знае какви материјали се одземени, но неофицијално се вели дека полицијата пронашла кутија со пари во износ од 15 илјади евра во различни валути.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на средба со новинарите денеска рече дека делата за кои се осомничени полициските службеници се „злоупотреба на службената должност“ и „поткуп“. Нема информации дали групата била организирана во структура и дали сите се осомничени за одделни кривични дела.
За време на акцијата полицијата привремено го блокираше граничниот премин со Србија, создавајќи хаос и револт кај патниците кои и онака со часови чекаа да влезат во Македонија.
Граничниот премин се врати во функција дури по два часа откако полицијата се повлече заедно со специјалната единица.