– Семејствата на загинатите во пожарот на дискотеката „Пулс“ во Кочани на деветтиот Марш за ангелите на институциите им порачаа дека во изминативе неколку недели овие институции им ја потрошија и последната тронка надеж и доверба.

-Овие институции одново ги убија нашите деца, одново ја убија надежта во нас дека оваа трагедија ако ништо друго ќе биде  барем лекција за во иднина и никогаш вакво нешто нема да се повтори. Полицијата и Обвинителството ни должат одговор зошто никој не одговара за затворената врата во дискотеката „Пулс“! Кој ја даде и ја спроведе ваквата наредба и колку животи се загубени од ваквата постапка на полицијата, праша една од мајките пред зградата на Полициската станица во Кочани.

Побараа одговори од Министерството за внатрешни работи и за потеклото на пиротехниката, по чија употреба е предизвикан пожарот во дискотеката во која животите ги загубија 63 млади луѓе.

-Го прашуваме јавно Тошковски и Коцевски каде е одговорноста на Државниот пазарен инспекторат, кој  врши инспекциски надзор над примената на законите во угостителството? Како е можно овој инспекторат да не увиди дека трговското друштво кое раководи со дискотеката таа кобна вечер работи спротивно на сите можни закони и процедури, праша една од мајките чие дете животото го загуби во дискотеката „Пулс“.

Тие пред Општината, судот и полициската станица на институциите им порачаа и дека повеќе нема да молчат и нема да се откажат од борбата за правда.

Семејствата во своите говори пред институциите посочија дека нема да застанат  додека неселективно сите виновници не одговараат.

-Сите институции, правни и физички лица, кои предизвикале дејствие со нивното несовесно и незаконско работење од 16.03.2025 год., одејќи наназад до 2012 година кога дискотеката почнува да функционира, ќе одговараат! А пропусти што довеле до ова имало секоја година. Секоја година се пропуштале да се преземат одредени дејствија и зато се случи ова масовно убиство, истакна една од мајките на загинатите децата во „Пулс“.

Со семејствата на загинатите млади луѓе денеска протестираше и семејството на Ѓоко Ѓеоргиевски, тапанарот на групата ДНК. Неговиот татко со болка и голема лутина им се обраќаше на надлежните институции бидејќи не е задоволен ниту од истрагата, ниту пак од институциите. Родителите на загинатите истакнаа дека веќе нема тишина и правда ќе бараат, но неселективна.

МИА