Живеемe во таканаречена дигитална ера во која со помош на дигиталниот простор се дружиме, стекнуваме пријателства, извршуваме работни обврски или пак, пазаруваме. Без социјалните мрежи и веб страниците речиси е незамисливо секојдневното функционирање. Меѓутоа, влезница за дигиталниот свет се токму личните податоци. Име, презиме, адреса на живење, телефонски број, ова се само дел од податоци кои ги даваме на располагање на дигиталните уреди.
Според Ангел Наковски, долгогодишен експерт од областа на заштитата на личните податоци, постојаното учество на социјалните мрежи, разни групи за онлајн комуницирање, размена, трговија и слично, придонесува голем дел од корисниците воопшто и да не ги забележат или препознаат потенцијалните опасности од таквите активности.
– Напредокот на информатичката технологија, посебно Интернетот, создаде големи предности, но од друга страна, неговото погрешно користење или злоупотреба, може да има негативни последици во економско – општествената и културната средина, а понекогаш може да предизвика и дестабилизација на целото општество. Потенцијалот на информатичко – комуникациската технологија за чување и обработка на лични податоци, го зголемува проблемот на нивната заштита, вели Наковски за МИА.
Згрижувачки е фактот дека голем број корисници без размислување ќе ги изложат своите лични податоци како име презиме, адреса, па доста често и матичен број како и број на трансакциска сметка само за да купат одреден, навидум интересен производ по пониска цена, без притоа да се осигураат дека онлајн трговецот е безбеден за спроведување на таквите активности.
Наковски појаснува дека тоа не е единствениот проблем.
-Другиот дел од приказната е и тоа што интернет трговците – правни лица колку ги применуваат принципите за заштита на личните податоци, дали и во колкава мера имаат воведено систем за заштита на личните податоци, првиот чекор кој треба да ни покаже дали и во колкава мера некој интернет сервис е сериозен во намерите е политиката за користење на т.н колачина, истакнува Наковски.
Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми, за МИА појаснува дека најголем удел во целокупната ситуација игра свеста на фиизичките лица како корисници односно колку се свесни за тоа што се и како да ги заштитат личните податоци.
-Многу често забораваме дека денеска во еден мобилен телефон кој речиси секој од нас го користи, паметен мобилен телефон ги имаме сите лични податоци го имаме буквално целиот живот од лозинки од информации кои што се однесуваат за нас лично како идентитет, затоа мислам дека е многу важно да научиме и како да се заштитиме и како да користиме правилни апликациии правилни дигитални платформи кои што овозможуваат заштита, изјави Кордалов.
Улогата на медиумите важна при зголемувањето на сигурноста и заштитата на личните податоци
Кордалов објаснува дека одговорноста на медиумите кога станува збор за злоупотреба на податоците е голема бидејќи располагаат со широк опсег на информации кои ги пласираат, но дека одговорноста не е само кај нив туку и кај секој поединец.
Од Агенцијата за заштита на личните податоци се согласуваат дека медиумите имаат важна улога во превенцијата од злоупотреба на лични податоци која најчесто се одвива преку интернет платформите, и додаваат дека лажните вести во чија содржина се вметнати и нечии лични податоци може да нанесат непоправлива штета.
-Ние како агенција сме сведоци на огромен број на креирани лажни имеил адреси, лажни веб страни, лажни профили на социјални профили, дури во сегментот на информациската сигурност ваквите појави имаат добиено и име со дефиниција. Мора да прифатиме дека живееме во така наречен хибриден систем во кој што се повеќе сме онлајн и треба да бидеме свесни дека овие закани постојат, истакнува Игор Кузески, директор на Аценцијата за заштита на лични податоци.
Тој потенцира дека неретко се случува реобјавување на одредена вест од страна на медиумите без притоа да се направи проверка дали информацијата е точна.
-Замислете некој кога ќе креира лажен фејсбук профил преку кој што ќе се претставува себе си под одреден идентитет и во таа трка кон сензација или споделување на вести сите останати медиуми го споделуваат без воопшто да го проверат изворот, дали тој идентитет што се претставува е точен и дали веста е вистинита. После е многу тешко да се исправат работите, појаснува директорот на Агенцијата.
Додава дека дигиталниот свет го олеснува пласирањето на непроверените информации во кои се обработени нечии лични податоци.
-Кога зборуваме за личните податоци замислете таму да имате обработени лични податоци на граѓани, на луѓе кои што се тотално во лош контекст ставени како невистинита информација, содржина која што нема врска со реалноста, затоа мора да бидеме свесни дека овие закани постојат и дополнително сите сме сведоци дека во пракса за жал и се случуваат, вели тој.
Огромни напори вложуваат сите кредибилни дигитални платформи со цел да направат позитивно корисничко искуство за секое физичко лице, а тоа вклучува и поголема интерент безбедност и спречување на крадење и злоупотреба на чии било лични податоци. Но, како и во секој вид на криминал, и тука постои борба, па затоа стручните лица сметаат дека решението е во постојано усовршување на законодавствата и праксите во оваа сфера.
-Треба многу да се работи, особено во делот на заштита на лични податоци, бидејќи секојдневно читаме информации според кои биле злоупотребени нечии фотографии или видеа, потоа креиран лажен профил што повторно подразбира украдени повеќе лични податоци итн. Во овој дел одговорноста на сите е огромна, но би нагласил дека во оваа борба со право многу повеќе се очекува од јавните институции, особено од прилагодување на образовниот систем за критичко и креативно размислување. Секако, голема улога игра и личната едукација во оваа битка бидејќи само свесни граѓани може да бидат отпорни и да имаат долготраен имунитет во борбата со лажните вести и спречувањето на злоупотребата на лични податоци, вели Кордалов.
Наковски пак, додава оти одговорноста е двострана, но дека сепак поголемиот товар за заштита е на страната на контролорите и обработувачите на личните податоци.
За да живееме во вака напредно, брзо и динамично општество и буквално сè да ни биде на дофат со еден клик, потребно е да дозволиме односно да предадеме дел од нашите лични податоци.
Со наједноставни зборови, денеска нарачуваме храна со еден клик, добиваме контакт информации за некој бутик, ресторан или продавница во неколку секунди, а контактираме со нашите роднини и пријатели на целата земјина топка во секое време, меѓутоа според експертите суштината е да разбереме дека сите ние ако сакаме волку брзо да функционираме и да имаме придобивки во дигиталниот свет дел од податоците треба да ги дадеме, но притоа да ги заштитиме од злоупотреба.
Автор: Симона Србиноска
Фото: Андреј Бранковиќ
Видео: Аслан Вишко