По отворањето на гласачкиот материјал и повторното пребројување на ливчињата, Државната изборна комисија го отфрли приговорот на ДУИ со кој се бараше прегласување на избирачкото место 2101 во тетовското село Ларце во Општина Желино.
По прегласувањето на ова гласачко место на 22 мај, коалицијата на ДУИ изгуби едно пратеничко место на сметка на коалицијата Вреди. ДУИ се жалеше на неправилности во гласањето, утврдувањето и сумирањето на резултатите и тврдеше дека бројот на гласачки ливчиња не соодветствува со бројот на гласачи кои излегле на гласање.
По повторното пребројување беше констатирано дека фактичката состојба е иста како таа наведена во записникот.
За отфрлање на приговорот на ДУИ имаше 6 гласа, а само потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, која е предлог на ДУИ, гласаше за прифаќање на приговорот.
Европскиот фронт, предводен од ДУИ, сега има рок од 24 часа за тужба до Управниот суд, а Судот одлучува во рок од 48 часа по поднесената тужба.