Државната изборна комисија едногласно ги официјализираше кандидатите за претседател. На 24-ти април на избирачкото ливче за шеф на државата ќе се најдат имињата на Стево Пендаровски, Гордана Силјановска, Арбен Таравари, Бујар Османи, Стевчо Јакимовски, Билјана Ванковска и Максим Димитриевски. Сепак, на двајца кандидати, Таравари и Јакимовски, Државната изборна комисија им даде рок од два дена да ја докомплетираат документацијата.

„Констатирам дека списокот на овластени претставници на подносители на листите за кандидати за претседател на РМ, листите се потврдени едногласно. За кандидатот Стевчо Јакимовски и Арбен Таравари, треба во рок од 48 часа да достават единствен даночен број и трансакциска сметка“, рече Александар Даштевски – претседател на ДИК.

На денешната седница на ДИК беше едногласно усвоено и барањето за акредитации на набљудувачи на изборниот процес од Мисијата на ОБСЕ и ОДИХР. Претходно, шефицата на ОДИХР, Џилијан Стирк истакна дека од вчера ги започнале своите активности во земјава и најавија дека ќе го следат законодавството поврзано со изборите, ќе ги набљудуваат изборните кампањи, нивното финансирање, како и известувањето на медиумите. Од мисијата најавија дека ќе се вклучат со дури 320 набљудувачи. Не одговорија конкретно дали ваквиот висок број евентуално се должи на очекувања за тензичен предизборен период.

„Бројот на набљудувачи се темели врз препораките за потребите од страна на проценителната мисија. Имате два вида избори, па не е невообичаено да имаме голем број набљудувачи и бараме голем број набљудувачи за претседателските и парламентарните избори“, рече Џилиан Стирк – шеф на Мисија на ОДИХР.

Стирк најави дека една од задачите кои наредниве денови ќе ги има кај нас е да провери дали институциите ќе имаат доволно време за спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР од минатите изборни циклуси. Тие, иако беа одамна подготвени, во Собранието беа изгласани пред само две недели.