Поранешниот известител на Советот на Европа, Дик Марти изјави дека кога своевремено од Хашкиот трибунал побарал информации за докази собрани на терен во врска со „жолтата куќа“ односно трговија со човечки органи, му било речено дека ги немаат оти ги тргнале за да исчистат простор бидејќи како што рекле „ионака не служеле за ништо“.
– Бев запрепастен. Тоа е навистина загрижувачко, изјави Марти за денешни „Новости“.
Марти во извештај укажа на можност од монструозни злосторства над Срби во Косово и север на Албанија во кои биле вклучени највисоки претставници на властите во Приштина.
Во интервјуто тој вели дека се сомнева оти еден од главните бранители на косовските лидери е поранешниот обвинител на Хашкиот трибунал Џефри Најс за кого се сомнева дека криел докази за „жолтата куќа“.
– Кога го слушнав тоа помислив дека постојат двајца Џефри Најс. Несфатливо е заменик главен обвинител во Хаг одеднаш да стане адвокат на осомничени. Тоа ми изгледа бизарно. Можеби од правна страна е можно, но не и од етичка, и тоа го гледам дека е сомнително, вели Марти.
На прашање што е со доказите, бидејќи и поранешната главна обвинителка Карла дел Понте зборувала дека ги има, а Најс дека ги нема, Марти вели дека доказите постоеле.
– Новинарот Ентони Монтгомери беше присутен кога истражители на Хашкиот трибунал беа во „жолтата куќа“ и собираа докази. Работеа многу дилетантски. На пример не анализираа траги од крв. Но, пронајдоа лекови, шприцови и друго и сето тоа беше запечатено во Трибуналот, изјави Марти.
Од поднесувањето на неговиот извештај поминаа осум години.
Марти додава дека и американскиот обвинител Клинт Вилијамсон во јули 2014 година соопштил за резултати до кои дошла и неговата истражна единица и тоа е поткрепа за неговиот извештај. Дик Марти потсети дека Вилијамсон веднаш по таа конференсија поднел оставка и се чекало една година тој да биде заменет. Потоа и неговиот заменик си заминал.
– Именуван е трет обвинител, а резултат и понатаму нема, нагласува Марти.