До 14 март годинава кога и официјално заврши увидот во Избирачкиот список (ИС) по повод претседателските и предвремените избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар кои ќе се одржат на 21 април 2019, проверка на податоците извршиле 53.972 граѓани, за 517 е донесено решение за запишување во Избирачкиот список, за 412 е донесено решение за бришење, а промена на податоците во Списокот е направена за 129 лица.

Како што информира Државната изборна комисија (ДИК), само еден граѓанин со поништено живеалиште направил увид во ИС.

Јавниот увид во Избирачкиот список се спроведуваше 20 дена, од 23 февруари годинава до 14 март 2019. Се реализира во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК и во 46 дополнителни канцеларии сместени во единиците на локалната самоуправа согласно Одлуката на Државната изборна комисја, во временски период од 09:00 до 19:00 часот, вклучувајќи ги и деновите од викенд, како и празниците.

Јавниот увид се спроведе на Избирачкиот список со состојба на податоците на граѓаните со наполнети 18 години живот со важечка лична карта или пасош на денот на гласањето (21 април 2019 година), умрени лица 30 дена пред распишувањето на изборите (9 јануари 2019 година) и други податоци од Избирачкиот список на денот на распишувањето на изборите (8 февруари 2019 година).

Според ДИК, јавниот увид помина без никакви проблеми во редовна постапка согласно насоките и упатствата претходно дадени од страна на Државната изборна комисија.