Актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО ДПМНЕ за нов мандат во Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, денеска порача дека ќе продолжи со реализација на проекти кои ќе придонесат за економски развој, модернизација и промоција на општината како атрактивна туристичка дестинација.

Атанасовски најави дека во следниот мандат акцент ќе биде ставен на нови иницијативи кои ќе започнат од туристичко-манастирскиот комплекс Еленец, симбол на верата и духовноста во регионот. Според него, преку подобрување на локалната инфраструктура и создавање нови содржини, Македонска Каменица ќе стане уште попривлечна за посетители од земјата и странство.

-Од Еленец, како симбол на нашата вера и заедништво, ќе започнеме низа нови проекти со кои ќе ги доближиме природните убавини на нашиот крај и ќе создадеме нови можности за развој. Со посветеност и силна енергија ќе продолжиме да градиме поубава, помодерна и посилна Македонска Каменица – место со иднина, развој и достоинство,“ изјави Атанасовски.

Тој додаде дека во изминатиот период се реализирани бројни средби со граѓани, кои, како што рече, се движечка сила во развојот на општината и поддршка во продолжување на заедничката визија за напредок.

По повод големиот христијански празник Покров на Пресвета Богородица, Атанасовски заедно со своите сограѓани присуствуваше на свечените литургии во манастирот Еленец во село Цера и во манастирот Јазова Чука. Таму, со молитви за здравје, благосостојба и духовен мир, тој го честиташе празникот на верниците, упатувајќи порака за заедништво, почит и континуиран развој на општината.
Фото: Димчо Атанасовски