Јавниот долг по подолг период е намален не само процентуално, туку и во апсолутна бројка, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска за ТВ Алфа.

„Вие може да слушате многу често дека одредени работи се штедат, се внимава, па како министерката за финансии во дадени ситуации е малку построга. Ние немаме друг избор освен да работиме домаќински. Премногу се задолживме во изминатите години. Сега граѓаните можат да споредуваат дали работиме домаќински со намален долг од 36 милиони евра во апсолутен износ или некој пред нас работел домаќински кога долгот го зголемил за 292 милиони евра за ист период, почеток на година, и минатата и оваа“, истакнува министерката за финансии.

Таа додава дека домаќинското работење, намалување на непродуктивните трошења и напорите за подигнување на економската активност резултирало со намалување на јавниот долг за 4,7 п.п. на нивото од 57,7% од БДП. При тоа, како што напомена, предизвиците од претходниот период биле големи, па морало да се консолидираат финансиите и внимателно да се трошат народните пари.

Повтори дека не отстапува од проекциите за економски раст од 3,7% годинава и покрај пониските очекувања на меѓународните финансиски институции и најави прекројување на државната каса во јули, пред да се распишат локалните избори.

„Ќе имаме една мини прераспределба јас би ја рекла или прераспределба како што ја кажуваат во инистерството за финансии во однос на овие проекти кои се пренаменети за општините. Ако се сеќавате во буџетот, ние ги предвидовме, меѓутоа беа ставени во Функции на држава“ од причина што не можевме однапред да знаеме кој ќе биде интересот на општините, дали ќе сакаат повеќе проекти кои се поврзани со Министерство за транспорт или со Министерство за земјоделство, култура, спорт и заради тоа ги ставивме таму. Сега веќе имаме отприлика слика точно каде колку треба да се пренасочат средства и затоа ќе имаме една мини прераспределба, би рекла, а она што значи ребаланс на буџетот ќе биде некаде во месец јули пред да ги распишеме изборите“, изјави Димитриеска Кочоска.