Дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска укажува на незаконски свиканата денешна седница на Собранието на Институтот на сметководители и овластени сметководители и го повика Министерството за финансии да го откаже свиканото Собрание.
– До мене како дополнителен заменик министер за финансии, се пристигнати реакции од членови на ИСОС (Институт за сметководители и овластени сметководители), за незаконски и неовластено организирани состаноци од страна на Министерството за финансии, поради деблокирање на работата на Институтот на сметководители и овластени сметководители, информира денеска дополнителната заменик-министерка, наведувајќи дека побарала дополнителни информации за тоа и дека била известена дека се организираат состаноци со претставници на сите организации на сметководители, со цел да се одблокира работата на Институтот на сметководители и овластени сметководители.
Според неа, Министерството за финансии фактички се јавува во улога на регулатор на сметководителите и овластените сметководители, иако не постои законска основа за тоа и доколку се одржи Собрание на ИСОС свикано на таков начин ќе се доведе во прашање и легитимноста и законитоста на одлуките што ќе произлезат од тоа Собрание, а се поставува прашањето и за исправноста и основаноста на предложените точки на дневен ред на Собранието на ИСОС, кои не произлегуваат од самите органи на Институтот.
-Сметам дека е недопустливо органот кој по закон е должен да се грижи за почитување и правилна примена за законските одредби од Законот за вршење на сметководствените работи самиот да врши груба повреда на процедурите и правилата на ИСОС за работата на сметководителите и овластените сметководители со што се прави упад во самостојноста и организацијата на ИСОС, потенцира Димитриеска Кочоска.
Како што додава се надева дека разумот ќе надвладее и Министерството за финансии на чело со министерката ќе застане на патот на овие незаконски дејства и ќе го откаже свиканото Собрание на Институтот на сметководители и овластени сметководители кое е закажано за денес. -Со тоа, смета таа, ќе овозможи преку транспарентна и законска процедура правилно да се насочи работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители и конечно да се застане на патот на кршењето на Законот за вршење на сметководствени работи.