Компаниите што во 2023 година уплатиле средства во буџетот по основ на Законот за данокот на солидарност во март оваа година ќе добијат половина од уплатените средства. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во одговор на пратеничко прашање на денешната седница во Собранието поставено од пратеникот Љупчо Пренџов.

Министерката Димитриеска-Кочоска пред пратениците потврди дека половина од уплатените три милијарди денари ќе бидат вратени следниот месец, а втората рата во март 2027 година предлог прифатен од најголем дел од компаниите.

– Како што најавивме, половина од уплатените три милијарди денари ќе бидат вратени во март. За да се организира целата постапка, процесот беше тежок, но Министерството за финансии беше транспарентно и во постојана комуникација со приватниот сектор. Требаше да се воспостави комуникација со сите компании, па најпрвин одлучивме да воспоставиме комуникација со стопанските комори, каде што разговаравме за нашите размислувања и предлози, а потоа да донесеме заеднички пристап. Во август 2025 година Владата нè задолжи како Министерство за финансии да испратиме официјални дописи до сите 156 компании со барање да се произнесат за моделот на враќање на средствата. Нашиот предлог беше враќањето да се реализира на две рати, првата во март 2026 година и втората во март 2027 година, предлог што повеќето од компаниите го прифатија. Март е избран затоа што во тој период се поднесуваат завршните сметки и се плаќа данокот на добивка, а со оглед на тоа што данокот на солидарност по својата природа е сличен, целта беше да се совпадне периодот со можност компаниите да извршат пребивање на обврските – посочи министерката Димитриеска-Кочоска.

Пред пратениците во македонското Собрание министерката потсети дека Законот за данокот на солидарност беше донесен во 2023 година и дека на 5 февруари 2025 година Уставниот суд го поништи, со што се создаде ситуација во која преку неуставен закон се собрале средства, средствата се потрошени, а денес оваа Влада ги враќа.

– Факт е дека беа собрани три милијарди денари од приватниот сектор со закон за кој се знаеше дека ќе падне. Факт е дека тие средства беа потрошени оставајќи сериозни обврски што денес оваа Влада ги сервисира. Очигледно беше дека предлагачите знаеле оти изборите во 2024 година ќе ги изгубат и дека некој друг ќе треба да се грижи за враќањето на средствата – рече министерката и потенцира дека оваа Влада во нитеден момент не донесе ад хок одлука, одлука недоговорена со приватниот сектор, ниту донесе мерка што дополнително ќе ги оптовари компаниите или граѓаните.

Во своето обраќање пред пратениците министерката за финансии нагласи дека буџетот е во одлична кондиција затоа што, како што рече, „ние одлично го менаџираме“.

Фото: Принтскрин