Сè уште стојам на ставот дека треба да пораснат платите на средномедицинскиот персонал, но треба да се направат промени и кај општите лекари. Тие се со пониски плати, изјави вечерва министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Одговарајќи на прашањето чии плати во јавниот сектор ќе растат во 2025 година, освен во ресорот образование, министерката за финансии вели друг таков сектор е здравство, иако таму сè уште се чека постигнување конечен договор.

„Имаше различни предлози, ќе видиме на крај што ќе излезе како финален договор. Стојам уште на ставот (за раст на платите на средномедицинскиот персонал. н.з.), со тоа што треба да се види генерално во делот на општите лекари. Тие се малку со пониски плати. И за капитацијата треба да се види и други работи да се променат. Зборувам за младите лекари кои завршуваат и се вработуваат“, најави Димитриеска-Кочоска.

Таа дополни дека веќе е во процедура најавеното вработување на околу 600 специјализанти.

„Тоа е во процедура. Тоа е резултат на она што го зборуваат, дека имаме недостиг на лекари од одредени области. Значи, не е тоа дека имаме недостиг на лекари од секоја област“, потврди министерката.

Прашана за медицинските работници кои со години работат со договор на дело, за кои Таравари рече дека се околу 2 500, Димитриеска-Кочоска рече дека таа располага со помала бројка и дека за нив ќе треба да реши Фондот за здравствено осигурување.

Кога е во прашање состојбата со законската минимална плата, министерката за финансии рече дека во моментот тоа е предмет на расправа во Економско-социјалниот совет.

„Да видиме. Сега разговараат на Економско-социјалниот совет. Имаме предвидено така како што е предвидено во законот, а што ќе договорат, откако ќе договорат, тоа го води министерот за економија, нека завршат со разговорите и потоа ќе видиме што ќе правиме ние. Ние сега во моментов, законската обврска ја имаме предвидено и испланирано“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска.

Во предлог-буџетот за 2025 г. во ставката плати се предвидени дополнителни 57 милиони евра од кои дел ќе бидат за зголемувањето на платите во образованието, а дел за зголемување на минималната плата.

Во однос на пензиите, тие во март ќе бидат линеарно покачени за 2 500 денари. Но, нејасно е за колку ќе бидат зголемени во септември 2025 година.

„Не сме одлучиле, јас стојам на ставот дека треба повторно да биде линеарно, колку и да излезе зголемувањето на вкупниот износ, ќе се распредели по пензионер. Но, ќе биде под 2 500 денари затоа што параметрите кои се преземаат во пресметката се многу ниски“, вели министерката за финансии.