Ќе гласам на претседателските избори, нема да го чкртнам ливчето. Јас веќе се извинив за мојата претходна поддршка за Пендаровски. Немам морално и етичко право јас да барам од гласачите кои мене ме поддржале кого да поддржат. Нема да го правам тоа и таа пракса е лоша, изјави лидерот на ЗНАМ кој беше еден од седумте кандидати за претседател во првиот круг.
– Гласањето е таен чин, граѓаните сами одлучуваат, но побарав од граѓаните, поради тоа што сме соочени со фактот поради неуспешни претседателски избори да влеземе во политичка и институционална криза, да излезат масовно и да ја дадат поддршката на кандидатот за кого сметаат. Лично до мене што е, јас се извинив на граѓаните уште во јуни 2022 година за мојот ангажман како дел од поддршката на Стево Пендаровски и сигурно тој нема да ја добие мојата поддршка… Нема да имам неважечко ливче, апсолутно ќе гласам, нема да оставам мојот глас да пропадне – истакна Димитриевски.
Во вториот круг за претседател кој ќе се одржи на 8 мај граѓаните ќе избираат меѓу Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски.