Денес Македонија е земја загрозена од корупција и организиран криминал, верификуван од меѓународната заедница, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во интервјуто за Дојче Веле.
– Денес сме земја каде што обвинител за организиран криминал се бира по комшиска, роднинска и партиска врска. А Судскиот совет кој треба да е заштитник на спроведувањето на правдата личи на епизоди од Монти Пајтон. Денес децата на актуелните функционери незаконски и по најбрз пат стануваат судии и обвинители. Денес најголемата инвестиција Коридорите 8 и 10 д без меѓународен конкурс ги потпишува првиот вицепремиер на Владата од ДУИ, а не премиерот и министерот за транспорт и врски или директорот на ЈПДП! И да биде иронијата целосна, за фирма за надзор се бира фирма која била производител на долна облека. Притоа нема физибилити студија, идеен и главен проект, а изведувачот сам ќе проектира и изведува и притоа се исплатени повеќе од 150 милиони евра аванс, а покрај промотивната помпа не е фрлена една лопата, вели Димитриевски.
Холандскиот амбасадор, додава Димитриевски, соопшти дека го прекинува финансискиот фонд за Судскиот совет поради политичко влијание во него.
– Уште поголем скандал е што австрискиот амбасадор обвинува за диригирани судски постапки за долг од 4,5 милиони евра кон австриска фирма, од фирма која е во роднински врски со поранешниот премиер! Притоа експремиерот се заканува со тужба за клевета!? Американската амбасадорка исто така обвинува за корупцијата која царува во државата. Македонија стана толку „приватна држава“ на вечниот ДУИ и неговиот приврзок – водството на СДСМ, што рамо до рамо ја уништуваат државата. За ова не се борев до 2017 година, истакнува Димитриевски.
Димитриевски посочи дека често слуша од граѓаните дека „сите се исти“, „сите ветуваат пред избори, а после ги нема“, а најчесто поставувано прашање е „кои се гаранциите дека тоа што ќе го ветите, ќе го исполните“, истакнувајќи дека целосно ги разбира, но општина Куманово е класичен пример за негација на констатациите.
Извор: Дојче Веле