СДСМ е заробена партија, функционира по принцип на должничко-доверителски односи и таму има луѓе против кои се водат сериозни кривични постапки во моментов, дополнително и поранешниот и актуелниот лидер исто така. Нема ништо ново, нема нова идеја. Сите наводно нивни конструктивни политики како опозиција се апсолутно неконструктивни. Креираат фиктивни сценарија, одредени заговори во јавноста, како со мигрантските кампови, тоа се само обиди да се избега од актуелните политички теми, како Законот за судскиот совет, со кој ќе се оневозможи да имаме вакво судство какво што го имаме – приватизирано или пристрасно судство. Потребна е правда и оваа власт ќе го испорача тоа, истакна вечерва претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија Максим Димитриевски.
За новото раководство на СДСМ, Димитриевски вели „далеку од тоа да е ново“.
– Една невидена рашомонијада, но нивна работа, само се потврдуваа онаа теза што ја зборувам подолг временски период. Не зборувам за членовите на СДСМ, зборувам за раководството. Во членството има прекрасни луѓе, не добиваат и никогаш нема да добијат шанса бидејќи ова е едно акционерско друштво. Ако во минатото беше 50/50 на релација Заев – Филипче, сега е 70/30 во акционерскиот удел во однос на Заев – Филипче. Тоа е нивна работа, нека тераат, рече Димитриевски во Дневникот на ТВ Сител. Додаде дека се поголем број членови на СДСМ бараат пристапница во ЗНАМ и „нашите врати се отворени, особено за вистинските социјалдемократи“. Според него, „СДСМ оди надолу и ова раководство ќе му прогласи стечај“.
Димитриевски изјави дека дали ќе има или ќе нема предвремени избори тоа на ЗНАМ му одговара од секој аспект.




