Учество во Влада да, но исклучиво под наши услови. Ова е пораката која денес ја испрати лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски на последниот ден од кампањата за претседателските и парламентарните избори. Тој смета дека целите во кампањата се исполнети и програмата „Проглас за достоинствена Македонија“ целосно е презентирана на граѓаните, објави Телма.
Кога станува збор за условите, Димитриевски повтори дека во Владата ќе учествува доколку таму не е ДУИ нема ништо против да биде Коалицијата „Вреди“ со која соработува на локално ниво, ги исцрта „црвените линии“ за заштита на националните интереси, идентитет, јазик, култура и наследство во текот на сите фази од евроинтегративниот процес.
Борбата против корупцијата е еден од постулатите во програмата на ЗНАМ и затоа доколку бидат партнери во Владата ќе се залагаат казните за злоупотреба на службената положба и овластувања да бидат најмалку 10 години затвор.
ЗНАМ нема преговори ниту со СДСМ ниту со ВМРО ДПМНЕ, дециден е Димитриевски.
Димитриевски побара од граѓаните масовен одзив и масовна поддршка на 8 мај за кандидатските листи на ЗНАМ и нагласи дека тие се вистинските претставници на социјалдемократското движење и идеја а кога станува збор за избор на претседател, кој за него е врвен приоритет, остава на граѓаните да гласаат по свое лично убедување иако тој веќе се извини што во минатото го поддржал Пендаровски.