„СДСМ нема да биде соучесник во ова национално предавство, мигранти за пари. Нека си ја потпишат таа предавничка Резолуција сами. Нека си ја гласаат сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ. Тие многу добро знаат што потпишуваат – предавство на Македонија. А знаат и што следува за предавство. Сега веќе на сите им е јасно: планот е прво избори, а потоа – мигранти во Македонија, за пари. СДСМ, заедно со граѓаните, ќе ги искористи сите демократски механизми за да се спротивстави на ова национално и државно предавство“, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес конференција, се посочува во соопштението од СДСМ што МИА го пренесува интегрално.
Премиерот Мицкоски вчера побегна од пратеничките прашања. Побегна од вистината. Побегна од дебата за Резолуцијата на СДСМ со која јасно и недвосмислено се затвора прашањето за мигранти во Македонија, додаде тој.
„Откако побегна премиерот, побегнаа и неговите министри. Затоа, во знак на протест против ваквото понижување на Собранието и на граѓаните, пратениците на СДСМ ја напуштија седницата. Резолуцијата на СДСМ не беше поднесена затоа што ДПМНЕ не дозволи ниту дебата, ниту разговор, ниту гласање“, потенцираше Димитријевиќ.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ
Фото: СДСМ




