Историско е значењето на Договорот од Преспа со кој се потврдуваат заложбите за градење добрососедство, инклузивна соработка и конструктивни меѓусебни односи, истакнале на денешната средба во Скопје министерот за надворешни работи Никола Димитров и поранешниот грчки премиер и актуелен претседател на Социјалистичката интернационала, Јоргос Папандреу.
-С. Македонија е вистински посветена на конструктивен дијалог со грчката влада во градењето меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во кој граѓаните на двете држави би сакале да живеат. Договорот има значително позитивно влијание врз билатералните и регионалните случувања во однос на зголемена економија, стабилност и просперитет. Неговото понатамошно спроведување се смета за голем чекор во нормализацијата на билатералните односи што ќе им овозможи на двете држави да го искористат целиот потенцијал на политичката и економската соработка, рече Димитров на средбата.
Тој, како што соопшти МНР, ги истакна посветеноста и заложбите на Грција за остварување на европските и евроатлантските перспективи на Македонија и уште еднаш укажа благодарност за грчката поддршка на последниот ЕУ Самит во Брисел и континуираните напори за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ.
Посетата на Папандреу на Скопје е во рамките на неговата турнеја во земјите од Западен Балкан, со цел поддршка и зајакнување на евроинтегративниот процес на земјите од регионот.