Ја делам истата родителска грижа со вас, ги живеам истите секојдневни предизвици. Од утринската гужва до училиште, до попладневната потрага по паркинг. Јас сум ваш сограѓанин, еден од вас и затоа стојам овде денес, подготвен да бидам вашиот глас во Советот на Град Скопје, рече во своето обраќање Даме Димитровски, носител на листа за советници на ВМРО-ДПМНЕ за Советот на Град Скопје на денешниот народен митинг во општина Аеродром.
Во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за изборите во недела на 19 октомври, Димитровски порача додека градоначалникот Дејан Митески, неуморно работи и создава нова вредност во живеењето во Аеродром, каде што општината има забрзан ритам.
„Сите го сакаме живиот дух на Аеродром. Ја сакаме смеата од детските игралишта, музиката од летните тераси, но на сите ни е потребен и мир. Правото на спокој во сопствениот дом. Тоа е прашање на меѓусебна почит, почит кон соседот, кон семејството до нас и Градот треба да помогне да го негуваме тој спокој. Со решенија за бучавата од сообраќајот, со дијалог за баланс меѓу забавата и спокојот. Затоа што квалитетен живот значи и мирен, спокоен живот“, рече Димитровски.
Во својот говор, Димитровски ја претстави изборната програма и порача дека ВМРО-ДПМНЕ има јасен план со девет темели за модерно Скопје.
„Намалување на загадувањето на воздухот, систем за современо управување со отпад, брз и доверлив систем за јавен транспорт, јавни простори за скопјани, велосипедизам и алтернативен превоз до секое ќоше во градот, безбеден сообраќај за нашите деца. Скопје град на културата, Скопје центар на наука и технолошки развој и најважно, отворен Совет и одговорно управување со ресурсите на градот“, порача Димитровски.
Посочи дека бара поддршка за партнерство со Градот Скопје и дека неговата задача во Советот ќе биде јасна, да биде конструктивниот и силен глас на граѓаните, глас што ќе се бори за секоја улица, за секој парк и за секое дете.
„Затоа, да избереме тим што создава иднина. За Аеродром кој е гордост на градот. За Скопје какво што го сакаме, да го направиме вистинскиот избор“, рече Димитровски повикувајќи во недела да се излезе масовно и со заокружување на број 9 да се гласа за кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и советничките листи.

