Техничките кадри на ВМРО-ДПМНЕ да излезат од матрицата во која се заглавени и до 12 април, за добро на државата и граѓаните, да соработуваат со министрите и дополнителните министри од СДСМ и покрај разликите во идеологијата, начинот на размислување и политичкото дејствување, апелира денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
Димковски порача дека формирањето на техничката влада нема да биде пречка за спроведување на зацртаните политики, мерки и активности кои треба да ја доведат земјава до полноправно членство во НАТО и до добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Токму целта на техничката влада, напомена, е да овозможи завршување на овие процеси.
Во секторот земјоделство, подвлече Димковски, иако е назначен дополнителен заменик-министер, нема да има никаков застој во реформите. Ќе се спроведуваат и планираните активности: ќе продолжи навремената и неселективна исплата на субвенциите, нема да се поништат јавните повици за давање под закуп државно земјоделско земјиште и ќе се реализираат инвестициите во водостопанството.
-Ова е исклучително битен период за нашата држава, период во кој граѓаните очекуваат нормално функционирање на сите институции. Тие не смеат да бидат жртви на опструкции, блокади, дневни препукувања во овој предизборен период. Граѓаните се на прво место и затоа повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон начинот на кој прогресивните сили ја водат земјата. Врвен приоритет на сите министри во актуелната Влада е да обезбедат континуирано функционирање на институциите, на владеењето на правото и демократијата, рече Димковски на прес-конференција во Владата.
Тој уште еднаш повтори дека притисоците и селективноста не се одлика на СДСМ.
-Ние не ги злоупотребуваме институциите како што тоа го правеше претходната влада. Нема веќе исплата на субвенции по списоци. Секој земјоделец што ги исполнува условите е навреме исплатен, подвлече министерот.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со секојдневните изјави на дополнителниот заменик-министер Цветан Трипуновски за наводно неисплатени отштети или субвенции, Димковски порача дека институциите се тие што треба да кажуваат и решаваат, а не поединци.