Илија ДИМОВСКИ

Владата ги надмина своите ингеренции.
Владата го прекрши Уставот на Република Македонија.
Владата мора да сноси одговорност.
Владата не смее да врши политички притисок врз Собранието.

Владата немаше право надвор од своите ингеренции да прифати обврска за промена на Уставот. Тоа не е во нејзина надлежност. Тоа е во исклучива и единствена надлежност на Собранието на Република Македонија.

Тоа е исто како вие да продавате имот на вашиот комшија, а комшијата не ви дал никакво полномошно за тоа.

Европската Унија не го наметна условот за внес на Бугари во Уставот на Република Македонија.
Европската Унија го прифати билатералниот Протокол помеѓу Република Македонија и Република Бугарија
со кој Министерството за надворешни работи превзема билатерална обврска пред Бугарија за внесување на Бугарите во Уставот на Република Македонија.

Европската Унија тој билатерален Протокол го внесе во преговарачката рамка и стана европска обврска за нас.
Протоколот со Бугарија е потпишан од страна на Министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Протоколот предвидува обврска за Собранието на Република Македонија,
кое Бујар Османи ниту го претставува,
ниту смее во негово име да превзема обврски.

Протоколот, по својата содржина, излегува драстично надвор од самиот Договор за пријателство и соработка со Бугарија
и за државата создава огромни обврски.

Таквиот протокол ниту беше, ниту смее да биде предмет на ратификација од Собранието на Република Македонија.
Тој Протокол (заедно со Протоколот потпишан во 2019 година) е сериозен проблем кој не решава, туку очигледно создава нови конфликти.

Одговорноста на министерот за надворешни и на Владата за превземени обврски надвор од своите овластувања не смее да биде обврска за Собранието.

Собранието мора да го одбие ова анти-државно и анти-уставно однесување на Владата и да создаде услови за нејзина одговорност.