Diners Club Македонија се трансформираше во акционерско друштво без промени во сопствеништвото и со тоа станува прво и единствено финансиско друштво во земјата со ваква организациска структура. Трансформацијата која се случи на почетокот на минатиот месец, ќе обезбеди зацврстување и унапредување на пазарната позиција на компанијата, но и ќе ја зголеми нејзината транспарентност преку воведување попрофесионален организациски систем составен од управен и надзорен одбор и акционерско собрание.

„Горди сме што по повеќе од две децении успешна работа, го направивме овој навистина голем чекор за развојот на компанијата. Преобразбата на Diners Club Македонија во акционерско друштво пред сѐ ќе обезбеди зголемување на транспарентноста во однос на известувањето и исполнувањето на законските критериуми, што ќе резултира со зголемена стабилност на компанијата. Воедно, со ова ќе се отвори и можност за котирање на берза во иднина и дополнително финансирање преку емитување на нови акции, што ќе ги поддржи нашите заложби за континуирана експанзија“, велат од Diners Club Македонија.

Формираниот управен одбор е составен од досегашните, докажани компаниски менаџери, меѓу кои се Александар Тодоровски, Јанко Мешковски, Соња Јаневска и Весна Терзиевска, додека претседател е и сопственикот на компанијата, Божидар Јанковски. Во надзорниот одбор пак членуваат надворешни и целосно независни експерти во полето на финансии, економија и бизнис во регионот. Претседател на надзорниот одбор е Ана Блажиниќ, генерален менаџер на компанијата Инграм Микро Хрватска, додека членови се Горан Марковски, главен извршен директор на КБ Публикум Инвест АД Скопје, Ферик Велија, извршен директор на ВЕВЕ Груп и Георги Милев, директор на ИТ компанијата НетБит.

Инаку, Diners Club Македонија во декември 2020 година стана директен сопственик на франшизата на Diners Club International Ltd. и се стекна со ексклузивно право за издавање на Diners Club картички во Република Северна Македонија. Благодарение на својата широко развиена продажна мрежа и богато портфолио на производи и услуги, компанијата денес брои преку 15.000 активни корисници.