Европската унија нема повторно да преговара за Брегзит, односно за договорот на Велика Британија и ЕУ, изјави неименуван европски дипломат, демантирајќи ја британската премиерка Тереза Меј, која претходно денеска најави нови преговори.
-Нема повторно да почнуваме разговори. Можеби се работи за тоа што всушност значи „повторно“. Ако мислела на повеќе декларации, гаранции или изјави – тоа можеме. Но, ако навистина сака да почне од почеток, тогаш не, изјави дипломатот.
Меј денеска рече дека ќе бара од ЕУ нови преговори за тоа како Велика Британија ќе го напушти европскиот блок на 29 март.
Се очекува таа да разговара телефонски со клучните лидери на ЕУ во текот на денот пред гласањето во британскиот Парламент за идниот правец на Брегзит.
ЕУ ја отфрли можноста за измена на текстот на договорот договорен со британската премиерка, но Меј на членовите на Владата им рекла дека ќе бара правно обврзувачки измени во врска со контроверзната ирска граница. Противниците на Брегзит, кои гласаа против договорот кој Меј го постигна со ЕУ минатиот месец, наведоа дека се подготвени да ја поддржат Меј доколку обезбеди измени во врска со границата со Ирска.
Меј инсистира нејзиниот договор и натаму да може да добие поддршка од Парламентот ако се измени, така што ќе се ублажи загриженоста поради спорните одредби за ирската граница.
Тие одредби, познати како заштитен механизам, би ја задржале Британија во царинската унија со ЕУ, за да се отстрани потребата за контроли долж границата меѓу Северна Ирска и Ирска, а откако Британија ќе го напушти блокот.
Меј го поддржа предлогот со кој се повикува заштитниот механизам да се замени со „алтернативни аранжмани“ и ги повика сите пратеници од својата Конзервативна партија да ја поддржат.