Сите вакцини против Ковид-19 кои се одобрени за употреба ги исполнуваат стандардите за безбедност, ефикасност и квалитет, изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.
„Оваа пандемија сè уште не е завршена, а вакцинацијата е една од клучните алатки за спречување на Ковид-19 и за запирање на пандемијата“, рече Клуге во интервју за грчката новинска агенција АНА.
Тој додаде дека во европскиот регион има знаци на стабилизација на бројот на случаи на заразени со коронавирус, но сè уште има околу 1,6 милиони нови случаи на Ковид-19 секоја недела.
„Значи, ситуацијата е сериозна, ние не излеговме од кризата и мораме да живееме со вирусот некое време. Сепак, она што е важно да се напомене е дека имаме моќни средства за борба против вирусот и знаеме како да ги искористиме“, вели Клуге.
Тој додава дека мерките за физичка дистанца, носењето маски, хигиената на рацете, тестирањето, следењето контакти, изолацијата се во смисла на запирање на ширењето на инфекцијата и спасување животи.
„Јавното здравство и социјалните мерки го прекинуваат ланецот на пренесување и тие мора да се комбинираат со долгорочна стратегија за вакцинирање. Само со користење на ова оружје можеме да го запреме вирусот”, порача Клуге.
Тој вели дека ситуацијата со високи стапки на хоспитализација во неколку земји, вклучувајќи ги Грција, Франција, Полска, Босна и Херцеговина и Украина, е многу загрижувачка.
Клуге нагласува дека најважното прашање е секоја земја во Европа и пошироко да има еднаков пристап до вакцините и дека е потребно драстично зголемување на производството на вакцини за да се забрза процесот на вакцинирање.
„Темпото на испорака на вакцини против Ковид-19 во европскиот регион се зголемува и досега се дадени над 171 милион дози“, рече Клуге.