Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ратклиф, во Хавана се сретнал со претставници на кубанската влада – соопштија кубански официјални извори.

Средбата со високи претставници на Министерството за внатрешни работи се одржала на барање на американската страна, се наведува во вчера објавеното соопштение на кубанската влада. Според официјална Хавана, посетата имала цел да поттикне политички дијалог меѓу двете земји во услови на комплексни билатерални односи.

Според Хавана, кубанските претставници им пренеле на Ратклиф и на американската делегација дека островот „не претставува закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави“. Исто така, било истакнато дека нема причина Куба да остане на американската листа на држави спонзори на тероризам, што носи санкции.

Хавана нагласила дека Куба не финансира, ниту толерира терористички организации, и никогаш не поддржувала непријателски активности против САД.

Медиумите „Аксиос“ и „Ен-би-си њуз“, повикувајќи се на функционер од ЦИА, објавија дека Ратклиф ја посетил Куба за да пренесе порака на американскиот претседател Доналд Трамп за подготвеноста на САД за сериозен економски и безбедносен ангажман под услов Куба да спроведе суштински промени.

Односите меѓу двете земји се затегнати од Кубанската револуција во 1959 година, а дополнително се влошија по најновите политички промени во Вашингтон.

По враќањето во Белата куќа во јануари 2025 година, Трамп повторно ја стави Куба на листата држави спонзори на тероризам и го засили притисокот за економски и политички промени.