Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Кирил Лазов, беше гостин во поткастот ,,ВМРО-ДПМНЕ зборува“  насловен ,,Како до подобри здравствени установи“.  Тој ја објасни улогата на ДСЗИ во спроведувањето на инспекциските надзори во здравствените установи, како и во други области како воспитни и социјални институции. Според него, главниот фокус е на контрола на санитарно-хигиенските услови. Лазов истакна дека дополнително ДСЗИ спроведува надзор на безбедноста на производи за општа употреба, како и во соработка со ИЈЗ за лабораториски тестови и контрола на безбедноста на производите.

,,ДСЗИ е орган којшто врши надзор на постапувањето на прописите во здравството, состојбата во делот на оваа проблематика можам да кажам е задоволителна од причина што се вршат редовни надзори и тоа во делот каде што ние имаме надлежност, санитарно хигиенските услови како и превенција за спречување на интерхоспитални инфекции кои што овие надлежности произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести како и Правилникот за спречување и сузбивање на интерхоспитални инфекции“, вели Лазов.

Лазов истакна дека се спроведуваат и мерки за дезинфекција, дератизација, дезинсекција и управување со медицински отпад и поголемиот дел од субјектите ги спроведуваат наложените мерки, но за оние што не се во можност во дадениот рок, инспекторатот може да дозволи продолжување на рокот. Според Лазов, неспроведувањето на мерките води до санкции, најчесто парични казни, чиј износ зависи од големината на правното лице, иако казнувањето е непопуларно, ДСЗИ е должен да постапува согласно законот.

,,Во крајна линија неспроведувањето на мерките кои што се наложени од страна на инспекторатот доведува и до санкции кои што крајна линија се парични глоби во денарска противвредност и нивната висина е во зависност од големината на субјектот на надзор, може да бидат едни се казните за мали првни лица, за средните и за големи правни лица. Казнувањето е непопуларна мерка, меѓутоа ДСЗИ работи по закон. Сите субјекти здравствените установи како и оние објекти каде што ДСЗИ има надлежност да постапува, е констатирано дека потребно е како мерка парична казна, тогаш ДСЗИ има обврска да казнува парично“, рече Лазов.

Лазов кажа дека предизвик за инспекторатот е обуката на постоечките инспектори и зголемување на нивната стручност, како и дигитализацијата на работните процеси преку автоматизирани извештаи, што ќе го подобри квалитетот на работата и безбедноста на документацијата. Тој додаде и дека  ДСЗИ, покрај здравствените установи, врши надзор и во други области како воспитни институции, социјална заштита, јавни и приватни градинки, како и во објекти за нега и хигиена, според законите за здравје и безбедност, а се спроведува надзор на безбедноста на играчки и производи за општа употреба, со редовни лабораториски тестови за безбедност пред да се пуштат во промет.

,,ДСЗИ покрај инспекциски надзори во здравствените установи вршиме надзор и во објекти од областа на воспитна дејност, значи училишта и домови за училишни деца и студенти, вршиме надзор во објекти од областа на социјалната заштита, јавни и приватни градинки и објекти кои што згрижуваат стари лица. Овие наши надлежности доаѓаат од законот за заштита на населението од заразни болести, законот за јавно здравје, законот за комплементарна и алтернативна медицина и законот за безбедност на козметички производи. Соработуваме заедно со ИЈЗ каде што на годишно ниво земаме мостри, како од увоз така и од промет и истите ги препраќаме до ИЈЗ каде што се врши лабораториско испитување и контрола за безбедност на истите и доколку се безбедни си оди во промет“, заклучи Лазов.