Директорот на церемонијата на отворање на Летните олимписки игри во Токио, 48-годишниот Кентаро Кобајаши, доби отказ поради зборови искажани во минатото. На Интернет се појави видео-снимка од неговиот говор во 1998 година, по што изби скандал.

Во тоа време, Кобајаши настапи како дел од хумористично дуо. Во својот скеч, тој предложи „да се игра холокаустот“ и започна да расфрла исечени луѓе од хартија, кои претставуваат жртви на геноцид. Ова видео се прошири низ мрежата и предизвика широка дискусија и критика.

-Како што многумина истакнаа, моите коментари беа навистина несоодветни. Жалам и упатувам длабоко извинување, изјави Кобајаши.

Центарот „Симон Визентал“ (организација што го проучува холокаустот и борбата против антисемитизмот) го коментираше инцидентот: „Никој, без оглед на талентот, нема право да ги исмева жртвите на нацистичкиот геноцид“.