Доколку до септември не се обноват испораките на нафта преку нафтоводот Дружба, Унгарија и Словачка ќе мора да ги користат стратешките резерви, изјави Жолт Хернади, извршен директор на унгарската нафтена компанија МОЛ, во интервју за порталот „Мандинер“.
„Имаме залихи на нафта за 25-30 дена. Покрај тоа, Унгарија има бензин, дизел и керозин за приближно ист период. Ситуацијата во Словачка е приближно иста“, рече тој.
Според него, дури и ако Будимпешта и Братислава продолжат да добиваат руска нафта преку алтернативен пат, постои ризик рафинериите да не работат со полн капацитет, што би можело да предизвика верижна реакција низ целиот централноевропски регион.
Унгарија и Словачка, во случај на прекин на испораките на руска нафта преку нафтоводот Дружба, имаат право, и покрај санкциите, да ја увезуваат по море преку Хрватска, но тоа ќе биде значително поскапо, прецизираше тој.
Унгарскиот министер за надворешни работи и надворешно-економски односи, Петер Сијарто, по разговорите со заменик-министерот за енергетика Павло Сорокин, изјави дека испораките на нафта преку нафтоводот „Дружба“ ќе продолжат во четврток, но ограничено, а не во целост.