Медицинскиот универзитет во Токио денеска призна дека ги намалувал оценките на жените на приемните испити со цел да го ограничи бројот на студентки и се извини за таквата дискриминаторска пракса, присутна неколку години.
– Ја изневеривме довербата на општетството. Искрено се извинуваме, изјави генералниот директор на Медицинскиот универзитет, Тецуо Јукиока.
Се извини и проректорот Кејсуке Мијазава, истакнувајќи дека такво нешто не треба да се повтори. Тој додаде дека следните приемни испити ќе бидат регуларно организирани.
Намалувањето на оценките на кандидатките беше обелоденето минатата недела од јапонски дневен весник „Јомиури шимбум“, кој тврди дека тоа било преземено со цел да се намали бројот на студентки до 30 проценти.
– Жените често се откажуваат да станат лекарки откако ќе се омажат или родат деца, изјави неименуван извор за „Јомиури шимбум“ објаснувајќи го фалсификувањето на оценките на кандидатките.
Според првичните информации во медиумите, намалувањето на оценките на кандидатките почнало во 2011 година, но истрагата покажа дека таквата пракса постои од 2006 година.
Фалсификувањето на оценките било откриено при истрага на друг случај во Медицинскиот универзитет, кога син на висок функционер во Министерството за образование нерегуларно бил запишан.
– Исклучително вознемирувачки е дека Универзитетот го опструирал успехот на жените на приемните испити, бидејќи е тешко да се работи со лекарки, изјави државниот министер за еднаквост помеѓу половите и министер за еднакви можности на жените во професионалната сфера, Сејко Нода.
Јапонките важат за добро образувани, но праксата во земјата покажува дека штом создадат семејство тие се откажуваат од кариерата.