Иницијативата на Комисијата е пред се за испитување на основите за тоа кои лица користат служебни возила, по кој основ, во кој износ, кои лица користат репрезентација, за користење надоместоци за избрани именувани лица и тоа надоместоци за превоз, за стан, за одвоен живот…
Во фокусот ќе биде Собранието односно врз каква основа е донесена одлуката за користење буџетски средства за патни трошоци и дали таа уште е важечка. Информации за тоа дали има донесено такви одлуки ДКСК ќе бара и од другите институции.
– Оваа првична анализа треба да покаже дали фактичката состојба за користење на овие привилегии е во согласност со досега пропишаната законска регулатива. Истражувањето ќе ни покаже какви се основите за понатаму да предложиме и промени во законската регулатива за да се намалат непродуктивните трошоци на буџетот, рече меѓу другото Биљана Ивановска, претседател на ДКСК.
Во рамки на Годишниот план за работа антикорупција ќе ги проверува и анкетните листови за имотната состојба на актуелните и министрите од претходниот владин состав, како и на сегашните и претходните народни пратеници.
По допрен глас од медиуми отворена е постапка и за вработување блиски лица во Министерството за локална самоуправа и за користење возила за приватни цели.
На седницата е отворен уште еден предмет за в. д. директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска. Како што беше нагласено, прекршочна пријава за Пановска е затоа што иако имала обврска досега четири пати да поднесе анкетен лист за имотната состојба бидејќи и се продолжувал мандатот вршител на должност, тоа не го сторила. Од ДКСК информираа дека Пановска на 19 мај 2019 поднела четири анкетни листови за состојбата со нејзиниот имот, иако за прв пат била поставена за в. д. директор на Клиниката на 4 август 2017.
На седницата прекршочни пријави за недоставување или за задоцнето поднесување на анкетни листови беа покренати за 10 – тина декани на факултети на универзитетите во државата.
Отворен е и предмет за распределбата на стипендиите од страна на Министерството за образование.