Русија и Турција ќе формираат заеднички инвестициски фонд вреден 900 милиони евра, изјави шефот на рускиот Фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев.
– Денеска ќе објавиме дека конечно го формиравме руско-турскиот инвестициски фонд. Долго време работевме на тоа, имаше многу дискусии, а сега само конечно го оформивме, рече Дмитриев.
Според него, станува збор за фонд кој ќе биде исклучително важен за ревитализацијата на руско-турските инвестиции.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган од денеска престојува во официјална посета на Русија.
Како што најави помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, Ердоган и претседателот на Русија, Владимир Путин ќе разговараат за состојбата во Сирија во контекст на американските планови делумно да ги повлечат своите трупи од земјата, како и за испораката на рускиот ракетен одбранбен систем С-400 на Турција, темпото за изградба на рускиот гасовод и нуклеарната централа Акуј.