Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Москва со загриженост следи како САД ги зголемуваат тензиите и оти за понатамошните разговори меѓу двете земји ќе се знае откако Русија ќе добие одговор од САД за безбедносните гаранции.
На прашањето дали тоа што САД ставија 8.500 војници во готовност за префрлување во Европа влијае на текот на преговорите, Песков одговори негативно, додавајќи дека преговорите, всушност, се завршени во сегашната фаза.
-Пред да биде јасно како и кога ќе продолжат, Москва треба да добие одговор од Вашингтон и изрази надеж дека тоа ќе се случи оваа недела, посочи Песков.
Понатамошната позиција на Москва ќе биде одредена по американскиот одговор, додаде тој.
Песков нагласи дека откако ќе го добие одговорот, руската страна ќе го анализира и ќе ги формулира своите позиции.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс претходно изјави дека САД оваа недела ќе и ги испрати на Русија писмените одговори на нејзините безбедносни барања.
– Пред да го сториме тоа, ќе ги координираме нашите активности со сојузниците и партнерите од другата страна на Атлантикот. Сите повратни информации од нашите сојузници ќе ги вклучиме во писмените одговори и кога ќе бидеме подготвени да и ги испратиме на Русија, ние ќе го направиме тоа. Верувам дека ќе биде оваа недела, рече Прајс.