Миграциските власти на Латвија им наредија на 841 руски државјани да ја напуштат земјата до 13 октомври поради промените во законот што стапија на сила во 2022 година, јави ДПА.
Деталите беа објавени на националната телевизија на земјата. Промените во законот за имиграција беа усвоени како одговор на војната на Русија во Украина и заострените ограничувања за престој за Русите.
Околу една четвртина од населението на таа држава од речиси два милиони се етнички Руси, јави ДПА. Латвија дели копнена граница со Русија.
За да продолжат легално да живеат во државата, руските државјани мора да аплицираат за постојан престој и да докажат дека зборуваат латвиски јазик. Тие исто така подлежат на безбедносна проверка.
Околу 25.000 луѓе беа засегнати од прописите од 2022 година, од кои 16.000 оттогаш добија дозволи за постојан престој, а 1.000 привремени. Оние кои не ја добиле мора да ја напуштат земјата. Според властите, 2.600 луѓе веќе доброволно заминале. Имало 10 случаи на протерување.