Нема пријава во полиција за денешната тепачка која се случила во кругот на Град Скопје, а во која учествувале генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, претходно шеф на кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска и член од обезбедувањето. Според информациите на „Република“ до пресметката дошло денеска во претпладневните часови.
Од СВР Скопје известуваат дека пријава имало, но пред неколку дена, и тоа не за тепачка туку за закани. Била поднесена токму од Глигоров.
-На 09.01.2023 во 12.30 часот З.Г.(52) од Скопје пријавил дека околу 08.30 часот во канцеларија во град Скопје, каде е вработен како секретар, од страна на Е.С.(43) од Скопје вработен како обезбедување му биле упатени закани. Со Е.С. бил извршен разговор во полициска станица и по целосното расчистување на случајот ќе следи соодветен поднесок, велат оттаму.
Инаку, Глигоров денеска ја придружуваше Арсовска на прес-конференцијата на која беше соопштено за кривичната пријава што Градот ја поднесе против цементарница Усје, но за физички или само вербален конфликт на генсекот, не беше споменато.