Ракометниот репрезентативец Дејан Манасков објави дека повеќе нема да настапува за македонската ракометна репрезентација. Веста ја соопшти преку објава на социјалните мрежи, каде што искрено ја објасни својата одлука и наведе дека односите со селекторот Кирил Лазаров се нарушени.
-Би сакал да ја информирам целата македонска јавност и сите медиуми дека во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација. Ќе бидам искрен и краток во моето обраќање и објаснување на одлуката, напиша Манасков.
Тој потсети дека повеќе од една деценија со гордост го носел дресот на Македонија:
„Во изминатите единаесет години, колку што настапував за македонската селекција, секогаш со чест и гордост го носев светиот дрес. Се борев и настапував секогаш со цело срце.“
Како што вели, причината за повлекувањето се нарушените односи со селекторот Кирил Лазаров.
-Моите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и не гледам простор во моментов истите да се подобрат. Последните две години неправедно бев неповикуван. После сè што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене, напиша Манасков, додавајќи дека тоа го погодило и по долго размислување ја донел одлуката да се повлече.
На крајот, Манасков им посака успех на соиграчите во националниот тим:
„Им посакувам многу среќа и успех на репрезентативците во следниот период. Дотогаш ќе бидам ваш најголем навивач и поддржувач. До некое следно видување, Македонијо!“




