Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде предупредување за нестабилно време што ќе ја зафати Македонија во понеделник и вторник, со најави за пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град.
Според УХМР, времето ќе биде под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, а процесите ќе бидат особено интензивни утре, кога на одредени локации се очекуваат врнежи над 15 литри на метар квадратен во краток временски период, ветер со брзина над 60 км/час, како и изолирана појава на град.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со локални поројни дождови и грмежи. Во некои делови од котлината се очекува развој на невреме со интензивни врнежи и силни пориви на ветер.
Од среда, времето ќе се стабилизира, а дневните температури ќе почнат да растат.
УХМР апелира на внимателност при електрични празнења – граѓаните да не престојуваат на отворено и под осамени дрвја, со цел да се избегнат несакани последици.