Уништена е спомен-плочата поставена на патот над тетовско Гајре на 5 јуни во чест на петмината армиски бранители убиени во 2001 година, информираат денеска од Одборот на бранители.
Членовите на Одборот извршиле увид на местото по што констатирале дека плочата поставена пред две недели веќе ја нема.
-Сквернавење на спомен белезите на загинатите бранители и натаму продолжува. Како што е познато овде загинаа петмина бранители во конфликтот во 2001 година. Одборот на бранители како и на други места и овде постави спомен плоча и по кој знае кој пат на дрзок начин истата е отстранета. Обврска е на органите на државата да ги заштитуваат и чуваат истите. Меѓутоа овде тоа не е случај. Згрозени сме од настанот и по којзнае кој пат ги повикуваме органите да посериозно си ја извршуваат оваа обврска. Многу чудно е што досега ништо не е откриено, иако секогаш сме укажувале и апелирал на заштита на спомен белезите. Иако оваа спомен плоча издржа најдолго од поставувањето сепак вандализмот и врз неа не изостана. Трпението кај бранителите, родителите на загинатите и граѓаните се исцрпува. Ова нека биде последен повик до органите да си ја извршуваат својата службена обврска, да се стават во заштита на спомен обележјата и чувствата на граѓаните, изјави претседателот на Одборот на бранители, Марин Најдов.
Во 2001 година кај Гајре загинаа Исак Руфати од тетовско Одри, Влатко Миленковски и Благојче Сиљанов од Битола, Пеце Матичевски од битолско Новаци, Кољо Китанов од струмички Сарај.
Претходно, на 14 мај, беше констатирано дека се оштетени и уништени двете плочи за убиените осум припадници на Армијата и полицијата кај Вејце кои беа поставени на 28 април по повод 20 години од масакрот извршен на тоа место.