Градските јавни претпријатија на градоначалникот Петре Шилегов вчера се пофалија дека за потребите на ЈП Лајка за згружување на животни скитници градат тоалети, одводи и шахти, а истовремено во скопската населба Аеродром се пријавени уште два напада од улични кучиња.
– На 12.09.2020 во 19:35 часот во Полициската станица Аеродром З.П.(32) од Скопје, пријавил дека на бул.„Трета Македонска Бригада“ бил каснат од куче скитник. На 12.09.2020 во 20:15 часот во Полициската станица Аеродром С.С.(63) од Скопје, пријавил дека на ул.„Васко Карангелевски“ бил каснат од куче скитник, информираат од МВР.
Од Секторот Канализација при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје вчера информираа дека изработиле нова канализациска мрежа за потребите на јавното претпријатие за хуман третман на животни скитници „Лајка“.
-За потребите на новото јавно претпријатие под закрила на Град Скопје, ЈП „Лајка“, во текот на изминатите две недели интензивно се работеше на одводнување и приклучување на отпадните води на објектот, информираат од „Водовод и канализација“.
Оттаму посочуваат дека за оваа цел биле направени 16 приклучоци на санитарни јазли за тоалети и одводи за боксови за кучиња.
-Четиринаесет од нив се со големина на цефка ф110мм, а две се со големина ф160мм. Во текот на работните активности беа изведени три шахти, беа сменети и вградени осум капаци за шахти (тежок тип) и еден бетонски капак. Истовремено беше изведена и мрежа со големина на цефка ф200мм и ф160мм, во должина од околу 100 метри, се наведува во соопштението.