Воведна работилница на новиот проект „Зајакнување на институционалните и технички капацитети за подобрување на транспарентноста за климатски промени во рамките на Договорот од Париз (CBIT проект)“ се одржа денеска во Скопје, а се спроведува со соработка на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.

Како што информираат од МЖСПП, настанот го отвориле заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан.

– Во писмото испратено до шефовите на државите и владите, шефот на ООН Гутереш ги утврди своите очекувања од Самитот за климатски промени, во кое тој ги повикува владите да дојдат со конкретни и значајни планови за акција. Во пресрет на Самитот за климатски промени во Њујорк, според досега преземените активности, слободно можеме да кажеме дека Република Северна Македонија има амбициозен план во справувањето со овој предизвик, истакна Макрадули.

Според Сахакјан со овој проект ќе се зајакнат капацитетите за одржливи транспарентни активности преку три компоненти: силни институции, подобри алатки и обуки и процедури за функционална размена на податоци, за соодветно да може да се одговори на климатските предизвици.

Државниот секретар во МЖСПП Ана Петровска, во својата презентација ја претстави CBIT платформата од овој многу значаен проект.

Проектниот координатор Павлина Здравева ги запозна присутните со новиот проект, нагласувајки ја неговата важност во подобрување на транспарентноста на климатските акции во државата, со што РСМ ќе може адекватно и навремено да оговори на сите национални обврски од Договорот од Париз.

Од Министерството соопштуваат дека во рамките на проект ќе се зајакнат капацитетите на клучните национални институции за следење, известување и верификација (МРВ) на климатски акции и подобрување на транспарентноста, според побарувањата на Договорот од Париз.

– За да се постигне ова, проектот ќе обезбеди зајакнување на ресурсите за мониторинг, известување и верификација во рамките на МЖСПП, вклучувајќи и обука и опрема за ова одделение, но и за другите агенции кои обезбедуваат податоци за спроведување на мониторинг, известување и верификација на податоци за степенот на спроведеност на Договорот од Париз. Ќе се развијат соодветни обуки и алатки кои ќе осигурат дека организациите и поединците ги имаат потребните основи за спроведување на активности на МРВ и подобрена транспарентност, наведуваат од Министерството.

Оттаму појаснуваат дека ќе се користи пристапот „learning by doing” со цел климатските промени да се вклучат во секторските политики и законодавство, не само во клучните сектори: снабдување со енергија, згради и транспорт, но и во секторите земјоделство, шумарство и друга употреба на земјиште заради зголемениот интерес за овој сектор од страна на Владата. Дополнително, во тесна соработка со сите релевантни чинители, ќе се воспостават официјални процедури за собирање податоци, анализи и известување и ќе се развие интегриран и одржлив национален систем за МРВ на климатски акции.