Нобеловата награда за хемија за 2023 година им е доделена на Мунги Бавенди, Луис Е. Брус и на Алексеј Екимов за откривање и синтеза на таканаречените квантни точки.

Престижното признание за хемија за 2023 година им е доделена на тројца научници што работат во САД: Мунги Бавенди, Луис Е. Брус и Алексеј Екимов, соопшти Кралската шведска академија на науките во Стокхолм. Тројцата научници се наградени за откривање и развој на таканаречените квантни точки, наночестички, кои се толку мали што нивната големина ги одредува нивните својства.

„Овие честички имаат уникатни карактеристики и ја шират својата светлина од телевизиските екрани сè до ЛЕД-светилките. Тие катализираат хемиски реакции и нивната јасна светлина на хирурзите може да им го осветли туморското ткиво“, посочи Академијата.

Бавенди, Брус и Екимов создадоа важни основи за областа на нанотехнологијата во 80-тите и 90-тите.

Мунги Бавенди е француски хемичар со туниско потекло, професор на МИТ – Технолошки институт во Масачусетс, САД. Луис Е. Брус е американски професор по хемија на Универзитетот „Колумбија“, а Алексеј Екимов е руски физичар, кој работи во САД.