Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик во интервју за шпанскиот весник Ел Мундо рече дека „БиХ е пропаднат проект“ и оти најдоброто решение за земјата е „Бошњаците, Србите и Хрватите да се разделат на цивилизиран начин“.
– БиХ нема да може да опстане од истата причина поради која не преживеа Југославија. Во БиХ има три народи. Два од нив, Хрватите и Србите, се многу незадоволни. Муслиманите сакаат да создадат унитарна држава во која тие би биле доминантен народ, рече Додик 63).
– Нашата политика не е насочена кон отцепување. Зборуваме за друга можност, врз основа на оценката дека БиХ нема да биде успешна како држава. Ако е така, најдобро е да се разделиме на цивилизиран начин, додаде тој.
Тој нагласи дека Србите нема да „започнат војна за да се отцепат“, но повтори дека е најдобро да се разделат „ако не може да се живее заедно“. Тој посочи дека Србите „го бранат политичкиот процес“ кон постигнување на таа цел и дека приказните за можна војна се „бесмислени“.
Тој, исто така, рече дека БиХ постои како држава само поради притисокот од меѓународната заедница.
– Тоа е експеримент на странци, нагласи Додик.
– Првата работа што ја предлагам е странците да престанат да ја водат оваа земја бидејќи таа е единствената колонија што моментално постои во Европа. Нека не остават да најдеме консензус, ако е можно, рече тој.
Додик смета дека европскиот висок претставник Кристијан Шмит нема право да воведува закон во БиХ.
– На изборите пред три години освоив најмногу гласови, многу повеќе од двајца мои колеги од Претседателството заедно. А сега доаѓа тој Германец и вели дека иднината на БиХ нема да се конституира со Додик. Што се замислува, кој е тој?, рече тој.
– БиХ е неуспешен проект … БиХ се соочува со тешка криза. Оваа криза не се појави сега, таа отсекогаш била таму. БиХ е синоним за криза, заклучи Додик.