Општина Демир Хисар во соработка со професори од Филозофскиот, Архитектонскиот и Православниот богословски факултет, како и со Центарот за истражување на културното наследство кој работи во состав на МАНУ, организира неколкудневна меѓународна летна школа на која учествуваат студенти и професори од Македонија, Бугарија и од Србија.
Демирхисарската летна школа работи во секции што се одржуваат на различни локации во Демир Хисар, информира Даниел Станојоски, советник за односи со јавност во тамошната локална самоуправа.
– Секцијата за теологија работи во манастирот „Свети Јован Претеча“ во Слепче, а предавачи се професорите академик Ѓорѓи Поп Атанасов од МАНУ кој зборуваше за „Ракописното наследство на манастирот во Слепче“, гостинката од Институтот за истражување на уметности при Бугарската академија на науки-БАН, Елисавета Мусакова зборуваше за „Минијатурите во ракописите на бугарските цареви од 14 век“, додека пак Румјана Дечева од Институт „Д-р Иван Дујчев“ од Софија, говореше за „Центарот за истражување на ракописи Вестигија при
Универзитетот во Грац и соработката со Македонија и Бугарија“. Секцијата за археологија работеше теренски археолошки практикум, антички и средовековен брианиј Градиште во истоименото село, посочи Станојоски.
На втората меѓународна летна демихисарска школа, секцијата за историја работи на теми за Илинденското востание и Смилевскиот конгрес, а секцијата за архитектура е посветена на нови знаења од областа на архитектонското наследство.
– Учесници на школата се студенти додипломци и постдипломци, а освен професорите Поп Атансов, Дечева и Мусакова, предавачи се и Виктор Лилчиќ-Адамс, Ванчо Ѓорѓиев, Виктор Недески и научниот координатор на школата, Сашо Цветковски од Центарот за истражување на културното наследство кој работи во состав на МАНУ. Учесниците на школата ќе ги посетат библиотеката „Ал-Би“ во селото Бабино, манастирот „Св. Никола Топлички“ во селото Слоештица и манастирот „Св. Атанасиј Александриски“ во селото Журче, потврди Станојоски.